SlovoKult ::
Прилози
Интервју со Лидија Димковска

Лидија Димковска е поетеса, писателка и преведувачка. После објавувањето на книгата поезија „Нобел против Нобел“ Димковска во Македонија се етаблираше како поетеса, а со поезијата зеде учество на бројни литературни фестивали ширум светот, што говори за квалитетот на нејзината поетска реч.
Номинацијата на збирката поезија на германски „Чесна девојка“ (Anständiges Mädchen) за престижната награда за преведено дело на германски јазик Brücke Berlin, која се доделува на авторот и преведувачот, е признание како за оригиналот така и за успешниот препев од Александар Зицман.
СК: Иако е можеби клише, сепак би сакала да го поставам ова прашање, дали за тебе животот е поезија и/или поезијата живот? Дали, кога и на кој начин почувствува промени во твојот живот, кога истиот си почнала да го преточуваш во стихови?
ЛД: Почнав да пишувам уште кога одев во основно училиште и кога имав 12 години сама направив книга од моите песни, нарекувајќи ја „Залез“, со насловна страница, со содржина и со страници поврзани со лепак. Ја прочитаа само домашните. Првата песна ја објавив во „Наш Свет“ во петто одделение и тогаш моите наставници конечно сфатија дека работата е „сериозна“, дека јас Пишувам. Мојата најдобра другарка Вале
еден ден напиша на таблата Лидија – Поет. Секогаш пред другите ми беше „незгодно“ што сум поетеса, но во себе чувствував и знаев дека тоа сум. И не знам кој кого избра – поезијата мене, или јас поезијата. Во секој случај средбата беше судбинска.

Инаку мислам дека моите книжевни почетоци беа прилично класични. Следуваше првата поетска книга која ја донесе и првата голема книжевна награда – за дебитантско дело, а потоа и се останато. Мојот живот не се промени поради литературата зашто од кога паметам за себе литературата е дел од мојот живот, но можам да кажам дека животот, сите искуства, егзистенцијални, емигрантски, социополитички и емотивни сменија многу нешта во мојата литература. Од лирска и матефориска, мојата поезија стануваше се понаративна и метонимиска, се што го допре моето поетско битие стана и дел од мојата поезија, границата помеѓу она што е а приори поетско и она што е а приори непоетско се избришаа и животот, во сета своја комплексност се всели во мојата литература.
СК: Кога можеш да се инспирираш од грицкалка за нокти, и од неа да направиш предмет кој, колку и да е апсурдно, го поврзува и двои семејството, мислам дека можеш да опееш сѐ. Сметам дека пораката во твоите песни е скриена но моќна. Како изгледа процесот на создавање песна? Од мисла, преку израз и форма до порака?
ЛД: Пишувам многу фрагментарно, запишувам стихови, мисли, забелешки и се што ќе ми падне на ум или ќе ме допре во душата во тевтерчиња, тетратки, бележници и ливчиња. Имам посебна фиока за нив, и кога ќе почувствувам дека дошол големиот ден за пишување песна едностравно се отвора оној запис што му припаѓа на мигот, како судбински клуч до целото мое битие. Тогаш седнувам и ја запишувам целата песна. Во тие мигови чувствувам надземска сила, радост и енергија, како целата да се спојувам со некој дел од универзумот во кој се раѓа нова песна. Во моментов на таков начин го пишувам мојот нов роман Резервен живот.

СК: Дали и ако да, тогаш на кој начин поетот очекува повратно влијание од она што го лансирал во светот на литературата? Дали има мигови на очај и во кој облик?
ЛД: Очајот и радоста се неделиви во процесот на создавање, а подоцна зависат од многу, пред се надворешни фактори: издавачи, преведувачи, дистрибутери, организатори на книжевни настани итн. За жал, од нив зависи и тоа дали книгата ќе најде читатели или не. Најголемото признание на пр. за изборот поезија на германски „Чесна девојка“ (Едицион Кореспонденцен, Виена, 2010) секако дека е номинацијата за наградата Берлински мост, посакуван врв за секоја книга од источноевропски автор што излегла на германски јазик.
СК: Дали сметаш дека да беше од друга земја и друго говорно подрачје, твојата поезија порано и побргу ќе успееше да се пробие до читателите во светот?
ЛД: Македонската литература се пробива крајно тешко до читателите во светот, се уште важи за непозната, мала и егзотична, но не во толкава мера за да предизвика масовно внимание. Затоа е за поздравување секој обид да се изнесе делче од македонската литература во светот. Самата почнав да објавувам и надвор од Македонија на речиси триесетгодишна возраст, а тоа е случај и со уште неколкумина македонски автори. Лично многу ми значи она што го пишувам да допре до некого, да постави ново прашање, да понуди поинаков одговор. Понекогаш се уште посакувам литературата да може да го смени светот, а тоа е илузорно, но признавањата од страна на другите се трошка потврда дека можеби нешто и се сменило во меѓувреме, или ќе се смени. Средбите со новите читатели на фестивалите, читањата ширум светот се прекрасна потврда на тоа дека македонската литература има што да му понуди на светот.
СК: Кои поети и поетеси те инспирирале? Дали е возможно да се има омилени песни од сопствените? Кои се твоите?
ЛД: Мојата најомилена поетеса е Марина Цветаева и од неа пред се научив како да се биде свој, во севкупната смисла на зборот. За мене Марина Цветаева е повеќе од поет, совест е, огледало, историја, судбина. Библија и перница, икона и нераскинлив дел од мене и од моето битие. Со години сонувам како ќе отидам во Русија и како ќе ги допрам сите „нејзини“ места.
Останатите поети ги сакам како поети, како творци на исклучителни дела, што не е воопшто малку. Премногу се за да ги набројувам. Од сопствената поезија е тешко да се има омилени песни, претпоставувам дека тоа се оние што најчесто сакам да ги читам јавно: Поемата на почетокот, разлика, Ѕидовите и други.
СК: Какво чувство и влијание имаше врз тебе номинацијата за наградата Brücke Berlin, која истакнува извонреден германски превод на некое дело и се доделува на авторот и преведувачот? Конкуренцијата е силна, твојата поезија се бори против четири истакнати источноевропски имиња на прозни автори. Дури и да не се довие наградата, зарем не е и тоа чекор напред, да се биде првата номинирана поезија?
ЛД: Номинацијата за мене беше исто како награда. Да се биде во друштво на едни од најдобрите источноевроспки писатели, и всушност на моите омилени автори Мирча Картареску, Петер Надаш, Бора Ќосиќ и Јури Андрухович, сите со одлични романи, е повеќе од номинација затоа за мене беше вредна на награда. Особено штго мојата книга беше и единствената поетска книга номинирана за наградата. Но оваа номинација не беше само за авторот, туку и за преведувачот. Александер Зицман, тој извонреден преведувач од македонски, успеа да се најде во друштво на најдобрите преведувачи од истиочноевропски јазици на германски јазик. Со тоа што жирито ја номинира нашата поетска книга веќе направило преседан.
СК: Твоите песни имаат и одлики на проза, но сепак „Скриена камера“ е твоето вистинско прозно дело. Дали достигна успех како твојата поезија? Дали размислуваш/пишуваш нова проза? Што можеме да очекуваме наскоро?
ЛД: Скриена камера до сега е преведен на словенечки, полски, словачки и бугарски јазик, а поголеми фрагменти од романот беа објавени и на германски, англиски и романски јазик. Романот на македонски ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија, а беше и во најтесната конкурекција за наградата Утрински весник. Македонскиот режисер Томислав Алексов подготвува сценарио и режија на филм според романот. Сето тоа за мене е голем успех. Мислам дека романот најде повеќе читатели од поезијата. Наскоро ќе биде објавен мојот втор роман Резервен живот на кој интензивно работам во моментов.
СК: Дали наоѓаш време за превод?
ЛД: Да, иако не толку многу колку што би сакала и сама. Преведувам словенечка и романска литература на македонски. Оваа и наредната година ме очекуваат преводите на извонредниот роман „Некропола“ од словенечкиот писател – кандидат за Нобелова награда Борис Пахор, збирката куси раскази „Разбираш, нели?“ од словенечкиот автор Андреј Блатник и фикцискиот водич низ Букурешт, збирката раскази „Измислени случки од букурешките улици“ од романскиот автор Константин Абалуца.
СК: Благодарам за разговорот и големи поетски и животни успеси!
Разговорот го водеше Елизабета Линднер за СловоКулт.
Сите права за објавување на интервјуто се задржани ©SlovoKult.de